Кандидатите за инспектори од Инспекторатот за употреба на јазиците кои ја посетуваат интерактивната обука во траење од три месеци за општ дел за добивање на лиценца за инспектор и која е се уште во тек, досега стекнаа општи знаења од областите на Законот за инспекциски надзор, Законот за општата управна постапка, Законот за прекршоците, Законот за постапување по претставки и предлози и Канцелариско и архивско работење.
Поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата на вирусот COVID-19, интерактивната обука за кандидатите за инспектори, се спроведува on-line, односно преку електронско учење, преку новата електронска платформа за обуки и испити (ЛМС), воспоставена од Инспекцискиот совет. Инспекцискиот совет интерактивната обука ја спроведува преку обучувачи кои се ангажирани од нивна страна. Обучувачите го пренесуваат своето знаење и искуства на кандидатите за инспектори од Инспекторатот за употреба на јазиците во осум модули од кои до сега се опфатени пет.
Со првиот модул беше опфатен Законот за инспекциски надзор како суштествен закон во инспекциската постапка. При спроведувањето на обуката од овој модул, на кандидатите за инспектори им беа објаснети и презентирани предизвиците со кои ќе се соочат при неговата примена во пракса. Обуката за овој модул беше со времетраење од 14.04.2021-27.04.2021 година.
Вториот модул траеше од 28.04.2021 – 13.05.2021 година и ги разработуваше темите од областа на Законот за општата управна постапка преку презентација на самиот закон, неговиот предмет, примената и основните начела кои се однесуваат на постапката, поднесоците, постапката на жалба, вонредните правни средства и слично.
Законот за прекршоците беше опфатен во третиот модул при што инспекторите беа запознаени со општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, како и прекршочните постапки што ја водат судовите,односно органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции. Модулот траеше од 14.05.2021- 24.05.2021 година.
Законот за постапување по претставки и предлози беше опфатен во четвртиот модул со времетраење од 25.05.2021- 01.06.2021 година. Во овој модул беше објаснета постапката за постапувањето по претставките и предлозите поднесени до Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судовите, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и служби и други органи и организации што вршат јавни овластувања.
Модулот за канцелариско и архивско работење ги опфати Законот за архивски материјал, Упатството за начинот и техниката за постапување со архивски и документарен материјал како и посебна форма на евиденција за податоците што се однесуваат на инспекциската постапка и истиот беше со времетраење од 02.06.2021 – 07.06.2021 година.