Со Решение бр. 24-11098/1 од 28.12.2019 година, Владата на Република Северна Македонија за директор на Инспекторатот за употреба на јазиците (во натамошниот текст: Инспекторат) го именува Фатмир Исени. Со денот на неговото именување започна и работата на Инспекторатот. Инспекторатот е регистриран во Централниот регистар на Република Северна Македонија со привремена адреса бул. Илинден бр. 2, кула 6 канц.410, 1000 Скопје.
Согласно Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците, Инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на Амандманот V од Уставот на Република Северна Македонија и на одредбите на Законот за употреба на јазиците, на територијата на Република Северна Македонија, од страна на сите надлежни институции.
Надзорот опфаќа:
-надзор над примената на Законот за употребата на јазиците во постапките пред институциите,
-надзор над називите и печатите на институциите,
-надзор над имињата на инфраструктурните објекти,
-надзор над објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на законите, подзаконските акти, одлуките и огласите и
-други работи определени со закон, а кои се однесуваат на примената на Законот за употреба на јазиците.
Инспекторатот, надзорот го врши преку инспектори за надзор над употребата на јазиците.